Закинтос - островот на желките, 2 дел

Западна страна

Западната страна на островот Закинтос е претежно карпеста. Најубавите бои на водата се наоѓаат токму на оваа страна.
Патувањето го почнавме со потрага по плажата Плакаки. Морам да нагласам дека оваа плажа е за авантуристи, бидејќи тешко се стигнува (лошо е обележан патот) и има стеновит дел по кој се оди пешки и кој е осигуран со ограда и проодлив, но сепак не е подобен за деца.На крајот на оваа потрага по Плакаки се испостави дека Плакаки е една голема бела стена од која нема лесен пристап до водата, туку лево по стената има еден дел кај кој е овозможено спуштање во водата со помош на јаже(!). Не бевме доволно авантуристи да се искапиме.

По долгиот (планинарски) пат назад се упативме кон Порто Рокса. Додека пристигнувавме прво што здогледавме беше голема стена од која не гледавме како може да се влезе во вода, но треба да се вози до крај на патот до еден паркинг каде не восхитија боите на Порто Рокса. Неколку бродчиња беа закотвени во овој дел.
Во Порто Рокса има кафуле на мала висина и во делот од кафулето лежалки со поглед на водата и стените. Има пристап до водата но освен за седење, лежење на овој дел не е возможно, бидејќи стените се приспособени само за пристап до водата или бродчињата.

По Порто Рокса следува уште едно место кое не смеете да го пропуштите доколку одите на Закинтос и имате кола на располагање – Порто Лимнионас.
Порто Лимнионас е поголемо од Порто Рокса. Има простор и за сончање на стените, а боите се прекрасни. Овде има и повеќе гужва, но е распоредена долж стените.
Во Порто Лимнионас има истоимен ресторан Порто Лимнионас кој работи цел ден и во кој мора да испланирате ручек или вечера со прекрасен поглед. Преку ден погледот према фјордот, а приквечер може да имате романтична вечера со зајдосонце. Ресторанот има многу пристојни цени со оглед на местото на кое се наоѓа (морска храна од 8 евра па нагоре, препорака е Лигња на жар- 12 евра, рибата е од 6 евра нагоре). Неповторливо искуство. Овој ресторан одседнавме два пати и преку ден и на зајдисонце. Со оглед дека во тој период имаше пожари низ Грција зајдисонцете беше матно, но ни тоа не ни го расипа доживувањето кога сонцето заминува во морето. Следува слика од ова прекрасно место и поглед од масата во ресторанот.По Порто Лимнионас патот води до Порто Вроми - го посетивме но не бевме воодушевени. Ова мало пристаниште е најблиску до познатата плажа Навагио –Ship Wreck и од тука тргнуваат малите бродчиња, но тури кон оваа плажа се организираат и од секое друго место на Закинтос (цената во зависнот од далечината варира).

Следна и крајна дестинација за овој дел ни беше токму Навагио( Ship Wreck), но од копнениот дел. На патот до оваа плажа која е една од најпознатите 30 во светот се поминува низ селото Ехо Хора во кое покрај патот се наоѓа најстарото маслиново дрво на островот.
До плажата Навагио нема копнен пристап, но на стената жителите направиле мала тераса од која има поглед кон плажата. Терсата е поставена високо и не е дозволено пристап за повеќе од 3 луѓе. Иако е стравичен пристапот, од погледот запира здивот.
Колку е високо покажува тоа што на плажата во моментот на сликање има луѓе –кајакари на плажата( цртичките се кајаците).Следува истата плажа со поглед од море.И погледот од плажата према морето.Водата не е прозирна, не најдов информација од каде доаѓа оваа боја но приметив дека ја има секаде каде има бели стени на оваа западна страна, па веројатно комбинацијата –повеќе сол и нешто од белите стени допринесуваат за таа боја. Оваа плажа и желките на островот е причина поради која е познат овој остров и оваа плажа не смее да се пропушти.

Тура кон оваа плажа има од секое место. Препорака е да не одите со големите бродови кои кружат околку островот, туку од Агиос Николас или од Порто Вроми да си организирате своја тура со помали бродови. Импресиите од овие големи бродови не беа добри. Доколку сакате релаксирано и најдобро да ги посетите сите места до кои се доаѓа со бродче(Навагио, плавите пештери, пештерите Кери и маратониси), може да се испланира согласно местата кои се најблиску и секако доколку имате изнајмено кола.

Услов за посета на оваа плажа е времето да не е ветровито, бидејќи тогаш од безбедносни причини на бродовите (од било која величина) им е забрането да поаѓаат за ова место.

Ние се организиравме со тура која поаѓа од Аг. Николаос –пристаниште на западната страна и турата опфаќаше – посета на Навагио и бањање и посета на плавите пештери со бањање.
Бродчето не остави да се избањаме во плавите пештери од каде доколку се влезе во темните пештери со пливање при излезот се добива оној ефект поради кој се викаат Плави пештери. Прекрасно чувство.

На западната страна од Аг. Николаос према градот Закинтос се редат една по една прекрасни плажи.

Макрис Гиалос е плажа која е со лесен пристап, близу до патот. Има мал паркинг. Има лежалки, но и од стените се прави природна сенка. Препорачувам нуркање, бидејќи има прекрасни бои.
По Макрис Гиалос следува Ксигиа (Xygia) која претставува природна бања поради сулфурот које е присутен и кој може да се намириса уште од патот. Плажата е мала и после пладне фаќа сенка од стените.
Неизоставно при посетата на Закинтос е да се посети малото селце Бокали (Bochali) кое се наоѓа над градот Закинтос и од каде се пружа панорамски поглед на главниот град. Селцето е многу живописно со прекрасни куќарки.

Закинтос - островот на желките, 1 дел

Време на посета Август, 2007

Закинтос или Занте е најсеверниот јонски остров во Грција. Зафаќа површина од 405 м2 и е трет по големина од оваа група на острови. Специфично за овој остров се песочните плажи со невројатно чиста, кристална и топла вода од една страна и големи масивни карпи од западната страна на островот.

Како најспецифично за овој остров е фактот што на северниот дел од овој остров се размножува заштитен и редок вид на желки CARETТA-CARETТA кои се заштитени како дел од Марински парк.

Лаганс и крајбрежието на Лаганс

Лаганас и целото крајбрежје околу Лаганас претставува една долга поврзана песочна плажа. Плажата барем во централниот дел не е за препорака, бидејќи навечер се повлекуваат лежалките и плажата се претвора во пат за коли и минувачи.

За да се избегне централната плажа на Лаганас, може да тргнете пешки покрај плажата према западаната страна на крајбрежјето на Лаганс каде се наоѓа мало островче Агиос Состис.

Агиос Состис е поврзан со копното со мост. Ова островче се гледа од крајбрежието и навечер претставува диско, а преку ден нуди симпатична плажа со кафуле. Плажата е премала, но може да седите во кафулето и да пиете, да се сончате и да се капите, а воедно е едно и подобрите места за нуркање на Закинтос.

Чувството на плажата на Агиос Состис е рекласирачко. За влез на островчето се плаќа кауција (3-4 еура преку ден, 7 евра по 18 часот, 10 евра по 10 часот) со која може да нарачате бесплатен пијалок (за коктели и жестоки пијалоци се доплаќа). Следуваат слики од островот и плажата на Агиос Состис.

Плажата пред која се наоѓа овој остров исто така се вика Агиос Состис.

Плажата има лежалки и кафулиња. Се простира се до плажата Порто Кукла која е одделена со еден премин. Изнајмувањето за две лежалки и чадор на овие плажи е 5-7 евра.

Долж овие две плажи има кафулиња и таверни, но гужвата е помала и плажите се многу почисти отколку на Лаганас. До плажата Порто Кукла

има пешачење околку 20-30 мин од центарот на плажата Лаганс (до Агиос Состис има 10 мин).

После Порто Кукла доаѓа плажата Каминиа која се разликува од останатите по тоа што се состои од бел крупен и мазен камен. Пред оваа плажа имате поглед на островот Маратониси. На оваа плажа има мала посетеност т.ш може да најдете и по некој нудист. Иако не видовме кафуле на оваа плажа, лежалки сепак имаше.

Сите овие плажи се поврзани меѓе себе и се доаѓа пешки од една до друга.

Доколки тргнете на источната страна од крајбрежието на Лаганас према Каламаки се доаѓа до издвоена плажа на Лаганас која е дел од Националниот морски парк. Тука гужвата е евидентно помала. Нема кафулиња, ни лежалки, но плажата е прекрасна, чиста и мирна. Важат ограничувањата во склоп на Националниот парк за заштита на желките. Откако ја откривме оваа страна (бидејќи бевме сместени во Лаганас) ни беше честа дестинација, секако доколку не сакате гужва од англичани и кафулиња на плажа.

Оваа песочна плажа продолжува до плажата на градот Каламаки, каде се наоѓа аеродромот на овој остров.

Областа Кери и островот Маратониси

Островот Маратониси се наоѓа западно од Лаганас и тоа е поголемиот од двата острови пред Лаганас кои се гледаат од Крајбрежјето на Лаганас и личи на желка. Источно од Лаганас се наоѓа второто мало островче Пелузо до кое е забранет пристап со моторни чамци поради што не можевме да го посетиме (спаѓа во црвена-непристапна зона од морскиот парк).

До островот Маратониси се организираат тури со брод од Лаганас, но ние испланиравме да одиме во сопствена режија со поаѓање од Лимни Кери. Оваа тура ги опфаќаше Кери пештерите со бањање кај пештерите и Маратониси. Со оваа тура бродчињата доколку сакате ве оставаат да останете до следната тура на островот Маратониси.

Следува слика од пештерите Кери

Островот Маратониси е дел од Националниот парк. На островот нема кафулиња, но има едно бродче кое снабдува со освежителни пијалоци и сладолед. Нема сенка, а чадори не се дозволени. Плажата е прекрасна. Според мене една од најубавите кои ги видов на островот.

На крај од денот може да го посетите светилникот Кери и од тука да го гледате зајдисонцето.

Полуостровот Василикос

На овој полуостров се наоѓаат најубавите песочни плажи на островот. Од Лаганас се тргнува према градот Закинтос и се продолжува спрема градот Аргаси кој е во продолжение на Закинтос. По неколку км од Аргаси од десна страна има авттознак за плажата Дафни. Патот до Дафни е претежно неасфалтиран.

Плажата Дафни е дел од Националниот парк. Заради лошиот пат по кој се стигнува до оваа плажа, а и заради тоа што е дел од Националниот парк, гужва нема, но има фамилијрни таверни и сенки и вреди доколку дојдете тука да испланирате да останете поголем дел од денот. На плажата се видливо означени и заштитени местата каде има јајца од желки.

По Дафни следува плажата Геракас која е исто дел од Националниот парк. Нема кафулиња, но нуди чадори и лежалки. Носење на сопствен чадор е забранет. Сенка нема. Доколку планирате да останете подолго, обавезно носете вода и храна.

Овие две плажи, Дафне и Геракас се наоѓаатна западната страна.

На на источната страна се наоѓа плажата Порто Зоро која никако не смеете да ја пропуштите. Плажата е симаптично уредена со кафуле во која се пушта релаксирачка реге музика.

Плажата е долга и на крајот завршува со неколку стени каде можете да нуркате и каде има глина со која сите се мачкаат за разубавување и заради забава. Глината е причината што по плажата ќе сретнете луѓе со зелена маска на лицето.

По Порто Зоро патот води низ бoрoва шума до плажата Банана. Банана е во недоглед долга и широка жолта песочна плажа прекрасно уредена со кафулиња и лежалки.

По Банана следува Аг Николаос – плажа со млади луѓе која изобилува со спортови на вода. Плажата песочна и прекрасно уредена со сите потребни додатоци за забавно поминат ден. На плажата има и интересно кафуле. За помладите оваа плажа е обавезна, а за фамилијарните има еден дел кој е помирен и пофамилијарен и е малку издвоен од овој дел које на сликата, но сепак уреден со сите додатоци (лежалки, чадори и сл).

Национален морски парк

Делови од островот спаѓаат во националниот морски парк и имаат ограничување во движењето како и начин на однесување.

Плажите како Дафни, Геракас, дел од плажата Лаганас (према Каламаки), островот Маратониси, островот Пелузо (овој остров има целосна забрана) имаат ограничено време на посета , од 7-19, бидејќи посетители вон овој период на овие делови се желките кои доаѓаат да ги изведат своите јајца. Секаква бучава или осветлување попречува во изведувањето на јајцата на желките.

Во периодот од 7-19 часот на овие делови не смее да се ставаат чадори, смее да се постави пешкир до 5 м од водата, не смее да се копа по песокот, не смеат да се прават било какви фигури во песокот, бидејќи можат да го попречат патот на малите желчиња кои го бараат патот до морето.

При влез на овие делови вработените во Маринскиот парк се грижат да ве информираат со соодветни флаери за начинот на однесување. На секоја ваква плажа постои чувар во мали куќарки кој го надгледува однесувањето на туристите и кои доѓаат да ве опоменат доколку забележат несоодветно однесување.

Местата на кои знаат дека се наоѓа излежано јајце е видливо означено.