Беровско езеро - место за душевен мир

Доколку сакате да избегате од градската врева, стресното секојдневие, сообраќајниот метеж, и барем за кратко да им се вратите на мирот, спокојството и природата кои во Македонија ги има во избилство, испланирајте викенд на Беровско езеро.

Берово е сместено во Малешевијата, на крајниот источен дел на Македонија, на двата брега на реката Брегалница. Според една од легендите градот Берово името го добил кога луѓето од околните села и населби почнале да се ‘берат’ во Малешевската котлина.

Патот од Скопје кон Берово води преку Велес, Штип, Кочани и Виница. Се влегува само во Виница, а останатите градови се заобиколуваат. Берово е одалечено од Скопје околу 165 км, а од Охрид околу 335 км.
Откако се одминуваат оризовите рамници, се извиваат планини, зеленило и шуми и веднаш станува јасно зошто овој предел го нарекуваат ‘Мала Швајцарија’. Малешевијата изобилува со борови, дабови и букови шуми. Заради изобилството на дрво, беровските мајстори се познати по умешноста на обработка на дрво.

Откако ќе влезете во Берово, после полициската станица се врти десно, па првата улица лево за да се фати патот кон Беровско езеро. Не видов ознаки по патот (можеби затоа што веќе беше темно кога пристигнавме во Берово) но насоки добивме од љубезните беровчани.

Беровското езеро се наоѓа на околу 7 км од Берово на 1000м надморска височина. Мирот и тишината ја обвиткува природата. Во викендиците околу езерото само по некој посетител исто како нас во потрага по земскиот рај. Се чини дека доколки зборувате малку погласно ќе ги разбудите боговите кои биле така дарежливи. Тивко го прифаќате мирот и се стремите кон духовна нирвана. И не е чудо што тука, на патот од Берово кон Беровско езеро, се наоѓа активен женски манастир ‘Св. Архангел Михаил’, изграден во 1815.

Овој предел го карактеризираат свежи лета и студени зими. Дождовите преовладуваат во текот на годината. Најврнежливи месеци се мај, јуни и ноември. Пријатната клима го прават овој крај идеално прибежиште во летните периоди.

Заради високата концентрација на кислород, многу посетители доаѓаат не само ‘да наполнат батерии’ туку и за рехабилитација. Во Малешевијата се приготвуваат многу традиционални лекови од природни состојки за лекување на разни болести. Од овој предел не може да си заминете без боровиот сируп или мед, лек за болести на дишните органи.
Поради изобилството на зеленило, ливади и пасишта како и чистиот воздух, беровското сирење е со врвен вкус.

Сместување се нуди во градот Берово, во хотел Манастир, кој се наоѓа до манастирот Св. Архангел Михаил, во Ловечкиот дом, во комплексот на детското одмаралиште до самото езеро или во приватно сместување во вилите во околина на езерото.

Нашиот избор се сведе на вилите во околината на езерото. Од двете вили со топ препорака вила Лина и Чиплакова колиба, се сместивме во вила Лина.

Вила Лина е со поглед на езеро, чисто, комотна, современо уредена, внатрешен камин, надворешна скара, фурна, прекрасен двор и голема тераса. Вилата е поделена вертикално така што може независно да ја делат две посебни друштва. Има капацитет од 17 легла. Единствена мана е што се наоѓа на самиот пат. Ова и не е толку страшно бидејќи скоро и нема сообраќај (барем на почеток на јуни кога бевме ние).

Доколку сте повеќе за традиционално сместување во природа, издвоени од се, опкружени само од планини и зеленило, Чиплакова колиба е идеално место. Чиплакова колиба нема поглед на езерото, но има преубав поглед кон зелените планини.

Следуваат слики од езерото и неговата околина




Браната на езерото...

Ресторанот од детското одморалиште каде мора да пиете кафе опкружени со шума и езеро...

Поглед од терасата на ресторанот

Вилската населба

Вила Лина...

Поглед од тераста на вилата кон езерото...

И неизбежно, скара во дворот на вилата, во природа...

Доколку се сместувате во вилите околу езерото, добро е да се знае дека нема продавници, т.ш се што ви е потребно мора да набавите во продавниците во градот Берово.