Хвар - островот со најмногу сончеви денови во годината - 1 дел

Време на посета август, 2008

Хвар е остров во Хрватска со најмногу сончеви и мн
огу малку врнежливи денови што гарантира успешен одмор. Хвар е често посетуван и вон сезона заради топлата и пријатна клима преку целата година. Овој остров е познат по полињата од лаванда. Хвар е монденско место често посетувано и од славни имиња, што е причина и за повисоките цени за сместување и храна.

Доколку патувате со автомобил, до Хвар се стигнува преку Дрвеник до Шучурај или Сплит до Стари Град. Нашата рута беше Дрвеник – Шучурај. По 25 мин возење со траект пристигнавме во Шучурај. Местото е многу мало и нема многу содржини т.ш ни претставуваше само попатна точка.

Од Шучурај до централниот дел на Хвар, градот Јелса има 49 км, но патот е многу тесен и со кривини, т.ш патувањето е споро бидејќи од едната страна ве гледа провалија необeзбедeна со банкина .

Слика од патот Шучурај- Јелса.

Од Јелса кој се наоѓа во централниот дел на островот до градот Хвар патот е одличен, нов и проширен.

Нашиот избор за сместување беше малото симпатично место Милна кое се наоѓа на 4 км од монденскиот Хвар, т.ш брзо се стигнува во градот за вечерна забава и прошетки, а сепак имате мирен одмор опкружени со прекрасни заливи и плажи на кои престојувате преку ден.

Милна има неколку плажи. Следува поглед од нашата соба спрема заливите во Милна.

Првата плажа Милна 1 е во самото место, а до Милна 2 се стигнува по патека покрај морето низ авто камп. На Милна 2 има ресторан кој е преполн преку ден. Од ресторанот може да набавите и чадор за сонце.

Последната Милна 3 до која се стигнува со околу 10 мин пеш е и плажа за нудисти, но е прекрасна со зелена боја и кристална вода и често тука застануваат едрилици.

На Хвар плажите се претежно со бел камен и многу стени , што значи дека мора да се обезбедите со соодветни обувки за вода. Единствената плажа со песок е во близина на Јелса и во авто кампот Мласка.

Авто кампот Мласка е првата плажа која ја посетивме по пристигање во Шучурај на патот према градот Јелса. Автокампот има две плажи од кои втората плажа од автокампот е нудистичка. Двете плажи се поврзани со бетонирано крајбрежје. На Хвар има многу нудистички плажи кои се означени како ФКК. Плажата со песок е минимална, а околината е бетонирана, но водата е прекрасна чиста и тиркизна.

Втора песочна плажа е плажата пред Јелса која исто е претежно со бетонирано крајбрежје, а во водата е ситен песок и плитко.

Во централниот дел од островот, на јужната страна се наоѓаат места со најчиста вода на островот, но најстенести и со мали плажи. За да стигнете до овие места- Завала, Иван Долац и Св. Недеља од Јелса се исклучувате од патот кој води спрема градот Хвар према Плитве. Кај Плитве постои тунел кој е еднонасочен и насоката во двете страни се контролира со семафор со сензор за движење. Тунелот е тесен, низок и го покачува адреналинот :).

Една од најубавите и најчистите води на Хвар е водата кај местото Завала. Патот до ова место е полно со серпентини и тесни патишта, но откако ќе го поминете сето тоа ќе ве пречека најчистата вода на целиот остров. Плажите се мали и има многу карпести делови.

Иван Долац со карпестиот дел од плажата.

По Иван Долац се наоѓа авто кампот Јагодна до која се стигнува по стрмен тесен пат. Плажата како и сите во овој дел од островот е многу мала, а во попладневните часови и рано ја зафаќа сенка.

Во Св. Недеља не успеавме да ја најдеме плажата но го најдовме ова осамено дрво.