Праисториско наколно живеалиште - Музеј на вода


“Тие околу Пангејските планини и од Прасијадското Езеро воопшто не му паднале враце на Мегабаз. Тој, додуша, се обидел да ги покори и оние кои живееле на езерото и тоа вака: на средина од езерото се наоѓаат дрвени скели на високи колци, а пристап од копното е овозможен со помош на еден тесен мост. Колците под скелите некогаш во старо време ги носеле сите жители од населбата, а подоцна создале ваков обичај. Кога било кој од нив земал жена, носел од планина, која се викала Орбел, по три колци и ги ставал под скелата; Кај нив секој човек се женел повеќе пати. Секој имал на скелата по една колиба во која живеел и од која низ скелата водел еден отвор долу во езерото. Малите деца ги врзувале со јаже за нога плашејќи се да не паднат во езерото. Коњите и говедата ги хранеле со риба, а риби имало толку многу што, кога низ отворот се спуштела со јаже кошница во езерото и по кратко време се извлечела, била преполна со риби.”

Во последната деценија во соработка со археологот Паско Кузман вршени се археолошки подводни истражувања на Охридското крајбрежје при што се пронајдени остатоци од неколку праисториски наколни живеалишта.
Единственото живеалиште кое се реконстуира го носи називот Плоча Миќов Град по името на инструкторот за подводни дејности, Милутин Секуловски-Миќа, кој во 1997 го открил овој локалитет.

Плоча Миќов Град се наоѓа на 20 км од Охрид, на Охридското крајбрежје, после населбата Пештани, веднаш до автокампот Градиште и претставува дел од Музејот на вода.

Овој музеј содржи реконструиран дел од праисториска наколна населба од XII-VII век пред н.е која се наоѓа во вода поставена над платформа која ја држат дрвени колци, музејски објект во кој се поставени пронајдените остатоци во водата од живеалиштето, нуркачка база и реконструирани тврдини од римски логор од II век .

На овој локалитет на длабочина од 3 до 5 метри пронајдени се остатоци од 6000 дрвени колци кои најаверојатно потпирале заедничка платформа на која имало 20 тина дрвени куќарки. Според истражувањата површината на населбата се простирала на 8500 м2. Бидејќи живеалиштата биле изградени од дрва, трски и кал биле подложни на пожари и биле често обновувавани, на што се должи големата густина на колците (најдени се остатаоци од изгорени драва и јаглен). Платформата со копнотот била поврзана со подвижен мост кој во текот на ноќта се подигал заради заштита од животни и непријатели.
Спорд анализата на пронајдените остатоци, оваа населба датира од 1200-700 година п.н.е, т.е од доцно бронзено и почетоци на железно време. Во тој период живееле Бригите, најстарото племе познато на Балканот.

Моментално е реконструрирана дел од населбата која брои 7 куќарки изградени на платформа која е поставена над 1200 колци кои се обработени за да бидат поотпорни и поиздржливи.
Во нуркачката база љубителите на нуркањето ќе имаат можност со водич да нуракаат и да ги испитуваат остатоците под вода.
Во блиска иднина планирано е и да се изгради и ресторан со поглед кон минатото и езерото и кој ќе нуди традиционална македонска кујна.

Внатрешноста на куќарките и реконструкција на начинот на живеење.


Во музејскиот објект се изложени пронајдените керамички предмети и аквариум од колците под водата.

Заливот и плажата, која беше дел од автокампот Градиште, на која е реконструирано ова наколно живеалиште го доби името Заливот на коските, бидејќи при истражувањата се најдени многу животински коски, карактеристично за овој период од кој датира живеалиштето.

Музејот на вода со пешачка патека од камени плочи т.н ‘римска патека’ е поврзан со уште една знаменитост, а тоа е римскиот каструм, т.е воено утврдување чии тврдини се исто така реставрирани и кој датира од 2 век п.н.е.
Со подводните истражувања во последнава деценија се откриени уште неколку наколни населби и тоа кај с. Трпејца на локалитетот На Дол во Заливот на Прчот и во с. Пештани на северното крајбрежје наречен Заливот на Бомбите, бидејќи во овој дел се пронајдни остатоци на бомби од Прва светска војна.

На атрактивна локација, во прекрасен амбиент, благодарение првенствено на Паско Кузман, Клубот за подводни дејности - Охрид и Министерството за Култура на РМ кое вложи 2 милиони евра во овој проект, Охрид, неговите жители и посетителите добија единствена можност на Балканот преку ваков вид на презентација (освен на Костурското езеро на мочурлив терен) да се вратат назад во времето од праисторијата до римското владеење и назад во сегашноста на овој прекрасно осмислен и изведен Музеј на Охридското езеро.


1 comments:

NUMBER#2 responded on December 20, 2008 at 3:28 PM #

Навистина ја погодиле пресликата на старото живеалиште. Браво за Паско Кузман и браво за збирот луѓе кои се занимавале со ова.