Вевчани - извори на непокор

Вевчани е едно од местата кои мора да се посетат за да се запознае нашата Македонија, македонскиот непокор во поново време и да се види колку откриени и неоткриени убавини има во неа.

Вевчанскиот Карневалот кој се одржува на 13 -14 Јануари и со кој се слави Свети Василиј Велики, заштитник на василичарите и на Вевчани е нашироко познат.

Вевчани е местото каде Паско Кузман пронајде и траги од масоните – триаголник со око во средината- доказ дека меѓу вевчанци имало и членови на масонските ложи.

Селото познато по своите непокорни жители на 7 август 1987 година со штрајк со глад на тогашната младинска организација се спротиставиле на одлуката нивните извори да се пренасочат за водоснабдување на Струга, Октиси и елитната населба Елен Камен. Овие протести биле проследени со интервенција на полицијата од тогашниот режим и полициски сослушувања на деца, студенти, како и злоупотреба на полициските органи. Уште тогаш, во тој режим проструила демократијата во ова место во борба за заштита на човековите права. Овој непокор е крунисан со самопрогласување на држава, свои пасоши и валута. На сликата подолу се гледа една антикварница во која се издава Вевчански пасош.


Антикварницата се наоѓа во една автентична куќа. Водата – изворот на непокор и живот ја има насекаде. Реката која се слева низ селото ја следиме кон прекрасните извори. Не пречекува натпис на влезот пред изворите – ‘Ние и припаѓаме на природата – а не таа нам’.

Покрај водата, до изворите води прекрасна патека.

И уреден пикник простор


Кај изворот водата која блика од земјата...

Оваа убавина не може да се остави без да се нагостите во природа, на чист воздух, во еден од рестораните кои приготвуваат македонска храна. Покрај ресторанот ‘Домакинска куќа’, по патот по кој поминувал Виа игнација отворен е истоимен ресторан ‘Виа игнација’ со рибници кои го обиколуваат ресторанот и каде можете да си одберете риба која ќе ја фатат пред ваши очи.


До Вевчани се стигнува од Струга низ селата Враништа и Велешта. Одалечено е од Струга 14 км . Патот е асфалтиран и добро означен. Во Вевчани исто така ќе ве пречекаат ознаки до сите места кои можат да се видат. Пред црквата Св Никола има и мапа која прикажува што се може да се види и во пошироката област.
Постои и канцеларија за туристички информаци која се наоѓа на самиот пат на сретсело.
Вевчани е место кое остава аманет да се вратите повторно.