Праисториско наколно живеалиште - Музеј на вода


“Тие околу Пангејските планини и од Прасијадското Езеро воопшто не му паднале враце на Мегабаз. Тој, додуша, се обидел да ги покори и оние кои живееле на езерото и тоа вака: на средина од езерото се наоѓаат дрвени скели на високи колци, а пристап од копното е овозможен со помош на еден тесен мост. Колците под скелите некогаш во старо време ги носеле сите жители од населбата, а подоцна создале ваков обичај. Кога било кој од нив земал жена, носел од планина, која се викала Орбел, по три колци и ги ставал под скелата; Кај нив секој човек се женел повеќе пати. Секој имал на скелата по една колиба во која живеел и од која низ скелата водел еден отвор долу во езерото. Малите деца ги врзувале со јаже за нога плашејќи се да не паднат во езерото. Коњите и говедата ги хранеле со риба, а риби имало толку многу што, кога низ отворот се спуштела со јаже кошница во езерото и по кратко време се извлечела, била преполна со риби.”

Во последната деценија во соработка со археологот Паско Кузман вршени се археолошки подводни истражувања на Охридското крајбрежје при што се пронајдени остатоци од неколку праисториски наколни живеалишта.
Единственото живеалиште кое се реконстуира го носи називот Плоча Миќов Град по името на инструкторот за подводни дејности, Милутин Секуловски-Миќа, кој во 1997 го открил овој локалитет.

Плоча Миќов Град се наоѓа на 20 км од Охрид, на Охридското крајбрежје, после населбата Пештани, веднаш до автокампот Градиште и претставува дел од Музејот на вода.

Овој музеј содржи реконструиран дел од праисториска наколна населба од XII-VII век пред н.е која се наоѓа во вода поставена над платформа која ја држат дрвени колци, музејски објект во кој се поставени пронајдените остатоци во водата од живеалиштето, нуркачка база и реконструирани тврдини од римски логор од II век .

На овој локалитет на длабочина од 3 до 5 метри пронајдени се остатоци од 6000 дрвени колци кои најаверојатно потпирале заедничка платформа на која имало 20 тина дрвени куќарки. Според истражувањата површината на населбата се простирала на 8500 м2. Бидејќи живеалиштата биле изградени од дрва, трски и кал биле подложни на пожари и биле често обновувавани, на што се должи големата густина на колците (најдени се остатаоци од изгорени драва и јаглен). Платформата со копнотот била поврзана со подвижен мост кој во текот на ноќта се подигал заради заштита од животни и непријатели.
Спорд анализата на пронајдените остатоци, оваа населба датира од 1200-700 година п.н.е, т.е од доцно бронзено и почетоци на железно време. Во тој период живееле Бригите, најстарото племе познато на Балканот.

Моментално е реконструрирана дел од населбата која брои 7 куќарки изградени на платформа која е поставена над 1200 колци кои се обработени за да бидат поотпорни и поиздржливи.
Во нуркачката база љубителите на нуркањето ќе имаат можност со водич да нуракаат и да ги испитуваат остатоците под вода.
Во блиска иднина планирано е и да се изгради и ресторан со поглед кон минатото и езерото и кој ќе нуди традиционална македонска кујна.

Внатрешноста на куќарките и реконструкција на начинот на живеење.


Во музејскиот објект се изложени пронајдените керамички предмети и аквариум од колците под водата.

Заливот и плажата, која беше дел од автокампот Градиште, на која е реконструирано ова наколно живеалиште го доби името Заливот на коските, бидејќи при истражувањата се најдени многу животински коски, карактеристично за овој период од кој датира живеалиштето.

Музејот на вода со пешачка патека од камени плочи т.н ‘римска патека’ е поврзан со уште една знаменитост, а тоа е римскиот каструм, т.е воено утврдување чии тврдини се исто така реставрирани и кој датира од 2 век п.н.е.
Со подводните истражувања во последнава деценија се откриени уште неколку наколни населби и тоа кај с. Трпејца на локалитетот На Дол во Заливот на Прчот и во с. Пештани на северното крајбрежје наречен Заливот на Бомбите, бидејќи во овој дел се пронајдни остатоци на бомби од Прва светска војна.

На атрактивна локација, во прекрасен амбиент, благодарение првенствено на Паско Кузман, Клубот за подводни дејности - Охрид и Министерството за Култура на РМ кое вложи 2 милиони евра во овој проект, Охрид, неговите жители и посетителите добија единствена можност на Балканот преку ваков вид на презентација (освен на Костурското езеро на мочурлив терен) да се вратат назад во времето од праисторијата до римското владеење и назад во сегашноста на овој прекрасно осмислен и изведен Музеј на Охридското езеро.


Водич за Охрид-места за излегување и сместување


Охрид и неговото крајбрежје е неизбежен како во летните периоди така и за празници и продолжените викенди, кога сите ние крадеме од она малку слободно време за да уживаме во овој прекрасен град со душа стара повеќе од два милениуми.

Во било кој период од годината Охрид нуди можност да се наполнат батериите покрај езерското крајбрежје, да се посетат повторно Амфитеатарот, Св. Јован Канео, Св. Пантелејмон-Плаошник, Самуиловата тврдина, да се испие кафе во Liquid или на плоштадот и да се ужива во погледот кон езерото.

Дневниот и ноќниот живот во Охрид се поклопува во однос на местата кои се нудат. За дневно кафе препорачувам кафе Liquid, Kadmo, Cuba Libre или било кое од кафулињата на плоштад. Liquid и Kadmo се наоѓаат едно до друго во стариот дел до градот покрај езерото. Cuba Libre се наоѓа подалеку од централнотот подрачје, после мостот по шеталиштето кон х.Парк.

Ноќниот живот се сведува повеќе или помалку на дневниот, со тоа што нaјчесто во петок и сабота во кафе бар Duck има жива свирка и се прави добра атмосфера. Duck се наоѓа на самиот кеј. Кафе Liquid има жива свирка во четврток. Ноќниот бар Jazz In е секогаш добро место за оние кои сакаат џез, блуз и добра кул атмосфера до подоцнежни саати. Актуелна е и дискотека Парк која носи дј-и и која работи до подоцните саати. Во близина на Duck исто така е отворен Dublin pub во кој се нуди мезе и пијалок, актуелен е како за преку ден така и за ноќно излегување.

Доколку сте повеќе за кафеани и храна, ресторанот Belvedere (се наоѓа на почетокот на кејот, во дворот на киното) покрај тоа што нуди добра скара на жар и македонска кујна нуди и жива акустична музика - мелем за душа. Се пеат староградки охридски песни, скадарлија, песни по нарачка...Од рестораните за храна за препорака е Чврга (на крајот од кејот, близу х. Милениум), Далга (во стариот дел од градот), Момир (во стариот дел – малку поскап во однос на другите), Св Софија (пред црквата Св Софија). Малку подалеку од чаршијата, но вреди да се оди, е пицеријата Американо. Нуди пријатна атмосфера покрај камин и жива акустична музика за викенди. Овде мора да пробате Влашко сирење во грне и фурнаринки за мезе. Вкусни се и останатите мезиња во грне.

Пица за препорака има во Cosa Nostra, Leonardo, Big Blue (да се проба топено сирење).

Како препорака за сместување во период кога треба се да ви е на дофат, од споменици, стариот дел од градот, кејот, плоштадот, ноќниот и дневниот живот, во срцето на Охрид, на самата охридска чаршија се наоѓа Вила Гинек.


Градбата на оваа вила датира од далечната 1932 г кога била хотел Париз. Со заштитена архитектура од Завод за заштита на споменици и музеј Охрид и препознатлив изглед контурите од минатото се издигаат над охридскиот плоштад.
Реновирана со модерен внатрешен ентериер во јуни 2008 повторно се отвара за јавноста, за она за што се користела пред скоро еден век.

Вилата нуди сместување во соби. Собите се двокреветни, современо уредени, чисти и опремени со ТВ, клима, мини фрижидер, wireless Интернет, сопствено купатило. Преку ден се подготвува и бесплатно кафе и чај.

Поглед кон плоштадот и езерото од терасата во ходникот

Поглед кон чаршијата


Доколку сакате да сте во центарот на се што се случува, најблиску до се што треба да посетите и видите во Охрид, и воедно да имате удобно и пријатно сместување, Вила Гинек е вистинското место.



Беровско езеро - место за душевен мир

Доколку сакате да избегате од градската врева, стресното секојдневие, сообраќајниот метеж, и барем за кратко да им се вратите на мирот, спокојството и природата кои во Македонија ги има во избилство, испланирајте викенд на Беровско езеро.

Берово е сместено во Малешевијата, на крајниот источен дел на Македонија, на двата брега на реката Брегалница. Според една од легендите градот Берово името го добил кога луѓето од околните села и населби почнале да се ‘берат’ во Малешевската котлина.

Патот од Скопје кон Берово води преку Велес, Штип, Кочани и Виница. Се влегува само во Виница, а останатите градови се заобиколуваат. Берово е одалечено од Скопје околу 165 км, а од Охрид околу 335 км.
Откако се одминуваат оризовите рамници, се извиваат планини, зеленило и шуми и веднаш станува јасно зошто овој предел го нарекуваат ‘Мала Швајцарија’. Малешевијата изобилува со борови, дабови и букови шуми. Заради изобилството на дрво, беровските мајстори се познати по умешноста на обработка на дрво.

Откако ќе влезете во Берово, после полициската станица се врти десно, па првата улица лево за да се фати патот кон Беровско езеро. Не видов ознаки по патот (можеби затоа што веќе беше темно кога пристигнавме во Берово) но насоки добивме од љубезните беровчани.

Беровското езеро се наоѓа на околу 7 км од Берово на 1000м надморска височина. Мирот и тишината ја обвиткува природата. Во викендиците околу езерото само по некој посетител исто како нас во потрага по земскиот рај. Се чини дека доколки зборувате малку погласно ќе ги разбудите боговите кои биле така дарежливи. Тивко го прифаќате мирот и се стремите кон духовна нирвана. И не е чудо што тука, на патот од Берово кон Беровско езеро, се наоѓа активен женски манастир ‘Св. Архангел Михаил’, изграден во 1815.

Овој предел го карактеризираат свежи лета и студени зими. Дождовите преовладуваат во текот на годината. Најврнежливи месеци се мај, јуни и ноември. Пријатната клима го прават овој крај идеално прибежиште во летните периоди.

Заради високата концентрација на кислород, многу посетители доаѓаат не само ‘да наполнат батерии’ туку и за рехабилитација. Во Малешевијата се приготвуваат многу традиционални лекови од природни состојки за лекување на разни болести. Од овој предел не може да си заминете без боровиот сируп или мед, лек за болести на дишните органи.
Поради изобилството на зеленило, ливади и пасишта како и чистиот воздух, беровското сирење е со врвен вкус.

Сместување се нуди во градот Берово, во хотел Манастир, кој се наоѓа до манастирот Св. Архангел Михаил, во Ловечкиот дом, во комплексот на детското одмаралиште до самото езеро или во приватно сместување во вилите во околина на езерото.

Нашиот избор се сведе на вилите во околината на езерото. Од двете вили со топ препорака вила Лина и Чиплакова колиба, се сместивме во вила Лина.

Вила Лина е со поглед на езеро, чисто, комотна, современо уредена, внатрешен камин, надворешна скара, фурна, прекрасен двор и голема тераса. Вилата е поделена вертикално така што може независно да ја делат две посебни друштва. Има капацитет од 17 легла. Единствена мана е што се наоѓа на самиот пат. Ова и не е толку страшно бидејќи скоро и нема сообраќај (барем на почеток на јуни кога бевме ние).

Доколку сте повеќе за традиционално сместување во природа, издвоени од се, опкружени само од планини и зеленило, Чиплакова колиба е идеално место. Чиплакова колиба нема поглед на езерото, но има преубав поглед кон зелените планини.

Следуваат слики од езерото и неговата околина




Браната на езерото...

Ресторанот од детското одморалиште каде мора да пиете кафе опкружени со шума и езеро...

Поглед од терасата на ресторанот

Вилската населба

Вила Лина...

Поглед од тераста на вилата кон езерото...

И неизбежно, скара во дворот на вилата, во природа...

Доколку се сместувате во вилите околу езерото, добро е да се знае дека нема продавници, т.ш се што ви е потребно мора да набавите во продавниците во градот Берово.



Вевчани - извори на непокор

Вевчани е едно од местата кои мора да се посетат за да се запознае нашата Македонија, македонскиот непокор во поново време и да се види колку откриени и неоткриени убавини има во неа.

Вевчанскиот Карневалот кој се одржува на 13 -14 Јануари и со кој се слави Свети Василиј Велики, заштитник на василичарите и на Вевчани е нашироко познат.

Вевчани е местото каде Паско Кузман пронајде и траги од масоните – триаголник со око во средината- доказ дека меѓу вевчанци имало и членови на масонските ложи.

Селото познато по своите непокорни жители на 7 август 1987 година со штрајк со глад на тогашната младинска организација се спротиставиле на одлуката нивните извори да се пренасочат за водоснабдување на Струга, Октиси и елитната населба Елен Камен. Овие протести биле проследени со интервенција на полицијата од тогашниот режим и полициски сослушувања на деца, студенти, како и злоупотреба на полициските органи. Уште тогаш, во тој режим проструила демократијата во ова место во борба за заштита на човековите права. Овој непокор е крунисан со самопрогласување на држава, свои пасоши и валута. На сликата подолу се гледа една антикварница во која се издава Вевчански пасош.


Антикварницата се наоѓа во една автентична куќа. Водата – изворот на непокор и живот ја има насекаде. Реката која се слева низ селото ја следиме кон прекрасните извори. Не пречекува натпис на влезот пред изворите – ‘Ние и припаѓаме на природата – а не таа нам’.

Покрај водата, до изворите води прекрасна патека.

И уреден пикник простор


Кај изворот водата која блика од земјата...

Оваа убавина не може да се остави без да се нагостите во природа, на чист воздух, во еден од рестораните кои приготвуваат македонска храна. Покрај ресторанот ‘Домакинска куќа’, по патот по кој поминувал Виа игнација отворен е истоимен ресторан ‘Виа игнација’ со рибници кои го обиколуваат ресторанот и каде можете да си одберете риба која ќе ја фатат пред ваши очи.


До Вевчани се стигнува од Струга низ селата Враништа и Велешта. Одалечено е од Струга 14 км . Патот е асфалтиран и добро означен. Во Вевчани исто така ќе ве пречекаат ознаки до сите места кои можат да се видат. Пред црквата Св Никола има и мапа која прикажува што се може да се види и во пошироката област.
Постои и канцеларија за туристички информаци која се наоѓа на самиот пат на сретсело.
Вевчани е место кое остава аманет да се вратите повторно.